Европска комисија денеска објави предлог директива, според која кршењето, заобиколувањето или ограничувањето на санкциите кон трета земја би се сметало за казниво дело во сите земји-членки на Европска унија.
ЕК предлага серија заеднички правила што треба да ја олеснат истрагата, гонењето и казнувањето на прекршувањата на рестриктивните мерки во сите земји-членки.
– Ова значи дека заобиколувањето или обидот да се заобиколат рестриктивните мерки со прикривање имот или прикривање на фактот дека некое лице е крајниот сопственик на имотот ќе стане кривично дело. Во зависност од кривичното дело, лицето би можело да се казни со максимална затворска казна над пет години, а компаниите би можеле да подлежат на санкции во висина од најмалку пет отсто од вкупниот промет на светско ниво, наведе ЕК.
Според ЕК од клучно значење е целосно да се спроведат рестриктивните мерки на ЕУ и да се казни прекршувањето на тие мерки додека продолжува руската агресија врз Украина.
Спроведувањето на рестриктивните мерки е предизвик, бидејќи не е лесно да се одредат имотите на руските олигарси, што се скриени во различни јурисдикции, благодарение на сложените правни и финансиски структури. Предложената директива ќе ги затвори постоечките правни дупки и ќе го зголеми застрашувачкиот ефект на кршење на санкциите на ЕУ.