Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама во синоќа објавениот изветај за Сирија наведува дека има „прилично силни докази“ дека сирискиот режим минатата недела во предградијата на Дамаск употребил хемиско оружје.
Извештајот на Белата куќа содржи неколку клучни точки, кои се однесуваат на бројот на жртвите од нападот на 21 август, на одговорноста за извршувањето на тој напад, на изворите, како и податоци за претходните напади.
Инспекторите на Белата куќа оценија дека во нападот во раните утрински часови на 21 август, на најмалку 12 локации во близина на Дамаск, убиени се 1.429 луѓе, од кои најмалку 426 деца.
Американските претставници се „прилично убедени дека сириската Влада го извршила нападот со хемиско оружје против припадниците на опозицијата во предградијата на Дамаск“. Како наредбодавец се посочува претседателот Башар ал Асад.
Администрацијата на Обама тврдењата ги заснова на разузнавачки податоци за подготовките на режимот и на информации добиени по нападот.
Како дополнителни податоци се наведуваат сателитските снимки.
Претставници на Белата куќа проучиле околу 100 видео-снимки поврзани со нападот.
– Три болници во Дамаск и околината примиле 3.600 пациенти со симптоми со труење од нервен гас, се наведува во извештајот на Белата куќа.
Американската разузнавачка служба тврди дека во Сирија се извршени низа напади со хемиски супстанци, меѓу кои со сарин, со отровен гас мустард и со отровот ВХ.
– Оценуваме дека фрустрацијата на режимот поради неспособноста да обезебди поголем дел од Дамаск, можела да влијае на одлуката за употреба на хемиско оружје на 21 август, се посочува во извештајот на Белата куќа.