Грчкиот и албанскиот народ се поврзани со традиционални врски на пријателство. Грција и Албанија делат многу повеќе од нивните заеднички граници, делат долга историја на интеракции и размени. Скендербег е народен херој и во двете наши земји, а двете земји страдаа од фашизмот за време на Втората светска војна, порача министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во неговата честитка за Денот на независноста на Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас додаде дека двете земји се поврзани и благодарение на грчкото национално малцинство во Албанија, како и големиот број Албанци кои живеат и работат во Грција.
Посочи дека двете земји се решени да промовираат соработката во различни области од заеднички интерес и да ги решаваат отворените прашања врз основа на меѓународното право.
-Исто така, би сакал да ви честитам за значителниот напредок постигнат во 2022 година во однос на вашата европска перспектива. Подготвени сме да ѝ помогнеме на Албанија на секој можен начин за да постигне брз напредок во нејзиниот пристапен пат, истакна шефот на грчката дипломатија.
Во организација на амбасадата на Албанија во Атина синоќа се одржа прослава на националниот празник, а Дендиас во видео честитката рече не можел да присуствува, меѓутоа истакна дека в петок ќе биде домаќин на албанската министерка за надворешни работи, додека пак следната седмица, на 6 декември ќе го придружува грчкиот премиер при неговата посета на Албанија по повод учеството на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
За Денот на независноста на Албанија, во вторникот, фонтаната на плоштадот Омонија во центарот на Атина беше осветлена со црвена боја.
Извор: МИА