„Една година, соочувајќи се со предизвици, макотрпно се трудиме да ги оправдаме вашите очекувања, и да ги придвижиме и подобриме работите. Да создадеме вредности за сите луѓе. Да ја разбудиме надежта. Да ја обезбедиме иднината за вашите деца“ порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека „има уште многу да се сработи. Проблемите се таложеле со години и децении. Ние не ги криеме, не ги потценуваме, но и не ги преценуваме. Веруваме дека заеднички, со сплотени сили, може да направиме многу. Затоа Ве повикуваме да се вклучите и да придонесете со Вашите идеи во реализацијата на промените“.
„Општините каде градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја имаат одговорноста да управуваат со процесите ќе ги отвориме во наредните два викенди, каде ќе има отворени денови и од 11 до 14 часот, граѓаните ќе може да предложат проекти и идеи кои ќе бидат вклучени за следната буџетска година, и воедно да им бидат презентирани плановите и проектите кои веќе се испланирани за следната буџетска година. Ќе може лично да предложите идеја. Но, ќе има можност и онлајн преку веб страната budzet.mk да ги предложите вашите идеи“ рече Мицкоски.
Тој напомена дека „внимателно и со почит ќе пристапиме кон секоја Ваша идеја, истата ќе биде разгледана од страна на стручни и професионални лица, максимално ќе се посветиме да изнајдеме средства за реализација на идејата во рамките на следно годишниот буџет, или пак следно годишните буџети“.
„Затоа охрабри се. Предложи идеја. Ова е време на промени што се случуваат и носат подобра иднина. Ова е твое време. Твое време и твоја идеја. Твоја идеја за твоето место. Твоја идеја за сите нас, за твоите сограѓани. Твоја идеја за промените. Учествувај во промените. Директно, непосредно, самоиницијативно. Креирај ги, обликувај ги, создавај ги!“ е пораката на лидерот на најголемата опозициска партија.