Мајката на осудениот Андреј Костовски со лелек ја коментира високата затворска казна на својот син. Обвинетата Клементина Лефковска исто така реагира на високата казна и бараше да ја однесат во тоалет бидејќи ѝ се повраќа. Нервозен и со коментари кон судот беше и Анџело Ѓоргиевски.
Додека обвинителката Тања Трајчевска бараше продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство, а Анџело даваше коментари, судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ со тропање на масата се обидуваше да ја смири атмосферата.
„Ќе ме избркате од судница? Притворот продолжува“, ѝ рече Анџело на судијката, која удри на масата бидејќи тој говореше пред да добие збор.
„Смири се“, му порача адвокатот, а тој му врати: „Што да се смирам?“
Најголем шок беше евидентен кај мајката на Андреј Костовски, третообвинетиот, која со лелек и неверување ја слушна 16-годишната казна за својот син за кого судијката посочи дека имало искрено каење. Таа беше во шок.
По завршување на судењето, Костовски се обрати до мајка си: „Пред Господ сум чист, не сум убил никого. Совеста ми е чиста. Тоа е поради јавност, знаеме под какви околности. Не секирај се, мама, сè е во ред“.
Реакција имаше и од мајката на Клементина, која доби 18 години казна затвор.
„Која е оваа правда? Што е ова“, прашуваше мајката, која со реакции продолжи и во ходникот на судот.
Некои од обвинетите за време на паузата беа извадени од судницата поради негодување и коментирање. Но, коментари до обвинителката имаа и првите двајца обвинети.
„Ах, Тања, Тања, кај ќе Ви оди душата?“, ѝ се обрати Анџело и на обвинителката.
„Ова не е убиство“, ѝ рече Клементина на обвинителката, а таа ја напушти судницата.
Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е осуден на 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска е осудена на 18 години затвор. Третообвинетиот Андреј Костовски е осуден на 16 години затвор.
Обвинителката побара обвинетите да останат во притвор. На ова реагира Анџело, кој рече дека никогаш не бегал.
„Во однос на тоа дека сум се дал во бегство, ова не е точно. Туку кога дознав дека полицијата ме бара, јас сам се пријавив и спроведов, заедно со инспекторите од потраги бев спроведен во затвор. Јас бев изгубен од целиот настан, бев под антидепресиви, но кога дознав дека полицијата ме бара, сам дојдов во притвор“, рече обвинетиот Анџело Ѓоргиевски.
И Клементина се побуни за продолжување на мерката притвор.
„Исто така, и јас сама се пријавив во станицата, кога го извршив делото, имав 18 години, сега во притвор направив 19“, рече Клементина.
Андреј Костовски само посочи: „Останувам на сè она што го кажа мојот бранител“, а претходно адвокатот аргументира зашто ефектот обвинетиот да не избега може да се постигне и со поблага мерка.
Тројцата обвинети остануваат во притвор до почнување на издржување на казната, односно до правосилност на пресудата.