Поскапувањата на цените, инфлацијата и тешката зима се главен проблем за Грците, поделено е мислењето на анкетираните во однос на составот на следната Влада по изборите, а Нова демократија е во предност од осум отсто пред СИРИЗА, се дел од резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Marc“ за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.
За 83 отсто од испитаниците поскапувањата на цените, инфлацијата и тешката зима создаваат најголема загриженост, а потоа следат: националните прашања и односите со Турција (43,4 проценти), криминалот и насилството (39,4 отсто), војната во Украина (24,9 проценти), прислушувањата се на петтото место со 14,3 отсто, а само еден од десет анкетирани изразил загриженост за пандемијата.
Од анкетираните, 44,2 отсто сметаат дека доколку СИРИЗА беше на власт работите ќе беа полоши, а 34,6 проценти сметаат дека актуелната Влада може да стори многу повеќе.
На политичката сцена, Нова демократија е со осум отсто во предност пред СИРИЗА, а најпопуларен политички лидер во земјата е актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, на второ место е претседателот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, а на третото лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.
Половина од анкетираните негативно или веројатно негативно го оценуваат и грчкиот премиер и актуелната Влада, а седум од десет анкетирани ѝ дале негативна оценка и на опозициската СИРИЗА.
Поделено е мислењето на анкетираните во однос на составот на следната Влада по изборите што ќе се одржат најдоцна до следното лето, со оглед на тоа дека 47,1 отсто сметаат дека Нова демократија ќе формира еднопартиска Влада, а 3,5 проценти помалку, односно 43,6 отсто одговориле дека Владата ќе биде коалициона меѓу СИРИЗА, ПАСОК и МЕРА 25.
Во однос на тоа каква Влада сакаат, според одговорите на анкетираните, на прво место е еднопартиска Влада на Нова демократија со 31,3 отсто.
Истражувањето на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“ било спроведено од 22 до 27 ноември 2022 година со анкетирани 1.030 лица со право на глас.
Извор: МИА