Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој е во посета на Лондон, вечерва ќе се сретне со кралот Чарлс Трети, што ќе биде прва нивна средба по преземањето на тронот на престолонаследникот во септември годинава, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и неговата сопруга ќе бидат примени од Кралот Чарлс Трети во кралската резиденција во Виндзор, а грчки владини извори за новинската агенција АНА-МПА потсетиле дека последната средба на Мицотакис со Чарлс беше во декември минатата година во Шкотска, а меѓу другото, разговарале и за плановите на грчката Влада за обнова на кралската палата Татои во близина на Атина.
За конкретната тема, кралот Чарлс, тогаш изразил голем интерес, па според дел од грчките медиуми, се очекува и денеска обновата на палата одново биде на агендата разговори со Мицотакис.
Кралот Чарлс, лани во март, тогаш во функција на принц, ја посети Атина и присуствуваше на воената парада по повод 200-годишнината од востанието за независност на Грција, што се одржа во време на карантин и под строги здравствени протоколи .
Грчкиот премиер од синоќа е во посета на Лондон, а во фокусот е грчката економија и инвестициите со оглед на тоа дека планирано е да одржи говор во Лондонската школа за економија, како и на конференција организирана од Атинската берза и инвестициската компанија „Морган Стенли“.
Извор: МИА