Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека во дијалогот за Косово проблемот е на страната на Приштина и дека таа никогаш нема да биде дел од решението без меѓународен притисок, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ние сме дел од решението, а тие се дел од проблемот. Приштина никогаш нема да биде дел од решението без меѓународен притисок, изјави Дачиќ.
Тој додаде дека Приштина смета дека меѓународната заедница нема да преземе ништо, и да вчерашниот став на ЕУ дека Белград е единствената конструктивна страна во преговорите е „за жал за прв пат еден позитивен факт“.
-Се надеваме дека меѓународната заедница ќе може да најде начини да му се закани на Курти да биде во функција на мирот и стабилноста во регионот и дека сепак ќе се постигне некакво решение, но адресата за тоа е Приштина, Србија ќе одговори на секој нареден повик, дотогаш ЕУ и САД треба да го решат тоа прашање со Курти, рече тој.
Како причина за сите проблеми на Косово тој ги наведе неспроведувањето на Бриселскиот договор и едностраните потези на Приштина.
Тој изрази надеж дека 48-часовното одлагање на примената на мерката за казнување на возачите кои не смениле регистарски таблички со српски ознаки е рок прифатен за да се дојде до некакви решенија.
Србија, според Дачиќ, вчера во Брисел на сите им покажа дека е сериозен и предвидлив партнер и дека постои желба сите проблеми да се решаваат по мирен пат, иако многу од предлозите не и се допаѓаат на српската страна.
-Нема да правиме никакви еднострани потези кои би можеле да ја загрозат ситуацијата на Косово и Метохија. На сите јасно им покажавме дека причината за сите проблеми во Косово е неспроведувањето на Бриселскиот договор, рече тој и оцени дека „тоа всушност е обид да се наметне суверенитетот на државата Косово на северот на Косово, каде што тоа досега не беше возможно-и нема да биде затоа што тоа не го сака српскиот народ“.