Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во врска со експлозијата на полската територија, изјави дека инцидентот во Полска, кој доведе до загуба на човечки животи, е неприфатлив, претставува ризик за дестабилизација на целиот регион и за проширување на територијалниот опсег на војната на Русија против Украина, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Радев, „потребно е итно расветлување на овој опасен случај и преземање соодветни мерки“.
– Секој ден од оваа војна ја уништува иднината на Европа и на светот, рече Радев.
Тој смета дека одржувањето на современите одбранбени капацитети и зачувувањето на единството во Алијансата се од клучно значење за зачувување на мирот.
Министерството за надворешни работи на Бугарија на Твитер објави дека е „крајно вознемирено од експлозијата во Полска која резултираше со две човечки жртви“.
Во објавата се наведува дека Бугарското Министерство за надворешни работи внимателно следи што се случува и дека е во контакт со НАТО сојузниците за консултации.
Изразена е целосна солидарност со сојузникот Полска и се изразува став дека единството во НАТО и ЕУ е заедничката сила.
Извор: МИА