На 16 ноември, среда, со почеток во 12.00 часот, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, ќе се одржи промоција на поетската книга „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски. Книгата е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.
За наградената книга ќе зборува Марија Ѓорѓиева, а стихови ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
Настанот ќе се одржи во Спомен соба „Т’га за југ“.
Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо – американска литература. Автор е на осум поетски книги и приредувач и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик.
За своето творештво ги има добиено наградите Студентски збор, Браќа Миладиновци и престижното меѓународно признание Ѓакомо Леопарди во Италија.
Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар.