(ВИДЕО) Лидија Димова не дојде на првото судење со оправдување за влошено здравје, судијката реагира: Не ми се допаѓа ваквиот почеток!

Од:

Разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, не дојде на првото судење, каде што треба да ѝ се суди за злоупотреби. Судењето експресно се одложи и бидејќи обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска пет минути пред почетокот на рочиштето известила дека има други службени обврски, па не може да дојде. Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска рече дека не ѝ се допаѓа ваквиот почеток на судскиот процес.

„Се бара одлагање поради влошена здравствена состојба на Лидија Димова“, изјави судијката Јанчулева Михаиловска, а адвокатката Миа Ношпал-Чорак рече: „Не сум стапила во контакт, ја испрати лекарската потврда, не се чувствува добро, мисли дека е корона. Не сум се видела зашто не сакам и јас да си го загрозам здравјето“.

Судијката е децидна дека потврдата што Димова ја доставила не е доволна за одлагање на рочиштето: „Не гледам дека има какви било други анализи. Потврдата е од 9.11.2022 година. Само чисто домашно лекување? Или има анализи?“, а адвокатката одговори: „Веројатно се правени анализи“.

„Доставете ги за да нема погрешна слика. Ова за мене не е доволно за одлагање на рочиштето. Освен што ќе има предлог за одлагање, мора да има и докази прифатливи за судот за да се одложи рочиштето“, укажа Јанчулева-Михаиловска.

По ова, беше презентиран и допис од Сузана Мирческа-Кузмановска, обвинителката што ги гони обвинетите. Таа исто барала одлагање поради неодложни обврски.

„Не ми се допаѓа ваквиот почеток на постапката. Се надевам ќе се коригира“, рече судијката Јанчулева-Михаиловска.

Димова гони за направена штета од 20 милиони денари со злоупотреби. Според Обвинителството, средствата што се злоупотребени се на европската заедница. Заедно со Димова се гонат и Александар Гочев и благајничката Ана Павлиду. Гочев одговара за подигнување авансни пари од Агенцијата без соодветна документација. Павлиду одговара бидејќи му ги издала парите, а не смеела.

Според Обвинителството, Димова сторила две кривични дела, и тоа злоупотреба на службената положба и овластувањето и измама на штета на европската заедница. Гочев сторил само едно дело, измама на штета на европската заедница. Павлиду се гони за несовесно работење во службата.

Случајот го суди судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која ги застапува и предметите против ексгенералниот секретар Драги Рашковски, а ќе суди и на случајот во кој обвинет е Мухамед Зеќири.

Би можело да ве интересира

Почна судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов

ОЛАФ доаѓа за истрагата против Лидија Димова и фризерницата, ќе ги испитува злоупотребите со обвинителот

Сослушана Лидија Димова за злоупотребите во Националната агенција, поради короната, истрагата ќе биде продолжена

Кристијан Ландов