Од почетокот на грејната сезона публиката се жали дека смрзнува на претставите во театрите и во Националната опера и балет. Велат дека ги следат преставите облечени во капути, а некои од оние кои ги оставиле во гардероба знаат и среде претстава да ги скорнат останатите за да излезат да се облечат.
Директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, потврди дека греењето во салата не е доволно, но пуштаат онолку колку што им испорачува ЕСМ.
„Греење во салата има онолку колку што ќе ни пушти ЕСМ. Кај нас нема начин да се регулира. Тоа не е доволно, но толку ни испорачуваат. Ние дополнително пуштаме тајфуни за хорот и за уметниците на сцена, мора да ги згрееме за да можат да работат. Публиката кај нас досега официјално не се пожалила“, изјави директорот Ристов за „А1он“.
Во Македонскиот народен театар, пак, греењето досега не било вклучено. Директорката Симона Угриновска вели дека денес ќе го вклучат оти надворешните температури се паднати.
„Апсолутно ја разбирам публиката кога се жали дека е ладно. Не е во ред да платат билет и да смрзнуваат. Кај нас парното досега не беше вклучено, ние имаме сопствено греење кое работи на струја. Дигитално е, се вклучува кога температурата ќе падне под 20 степени Целзиусови. Досега внатре беше 20 степени, но еве денес и внатре е под 20 степени и ќе го пуштиме греењето. Како ќе успееме со покачена цена на струјата во споредба со лани да ја плаќаме сметката и да ја намалиме потрошувачката, како што бара од нас Владата, допрва ќе размислуваме, но немаме дилеми – греење за публиката мора да има, ако нема греење нема да имаме ни публика“, вели директорката Угриновска за „А1он“.
Го пуштаат греењето со голема неизвесност за сметката за струја оти во досегашните сметки директорката Угриновска вели дека има големи нелогичности.
„Во јануари сметката ни беше 3 милиони денари, за август кога сме на колективен одмор добивме сметка од 900.000 денари или близу 15 илјади евра, а за септември, кога сите сме на работа сметката беше на половина, околу 460.000 денари. Сега чекаме да видиме за октомври колку ќе ни стигне за плаќање. Со вакви сметки не можеме да направиме план за работа за понатака, не знаеме кој месец колкава сметка ќе стигне“, вели директорката Угриновска за „А1он“.
Таа ја обжалила високата сметка за август кога трошоците поради колективниот одмор биле сведени на минимум, но сè уште чека одговор.
Министерството за култура уверува дека греење за публиката мора да има оти тие веќе обезбедиле буџет.
„Ве информираме дека Министерството за култура редовно ги сервисира сите побарувања и има обезбедено средства за оваа намена до крајот на годината. Националните установи од областа на културата функционираат во услови на енергетска криза, согласно сетот мерки на Владата за справување со енергетската криза, како и согласно Планот за штедење на електрична енергија, кој имаше обврска да го изработи секоја установа“, велат од Министерството за култура.
Дел од институциите од областа на културата, според досегашните анализи, успеале да заштедат струја, но дали ќе успеат да штедат и во зимските месеци, од Министерството велат дека ќе знаат кога ќе им бидат доставени пресметките.
Секоја институција од областа на културата е задолжена да изработи сопствен план за штедење и да ја намали сметката за струја за 15 проценти, но штедењето не смее да го загрози работниот процес.