Украинскиот претседател Володимир Зеленски за Си-Ен-Ен изјави дека неодамнешната проценка на Пентагон, според која Русија изгубила околу 50 отсто од своите тенкови во војната во Украина, „повеќе или помалку одговара на реалноста“. Зеленски тврди дека Русија претрпе „неверојатни“ загуби и на воениот персонал и на опремата во војната против Украина.
Во вторникот, Пентагон објави дека Русија „ќе излезе од војната против Украина послаба отколку што влезе во неа“, додавајќи дека „веројатно изгубила половина од сите главни борбени тенкови што ги има“. Според Пентагон „повеќе од 80 отсто од копнените сили на руската армија се заглавени во Украина“.
Зеленски вели дека ваквите проценки во најголем дел одговараат на состојбата на терен.
„Мислам дека тие повеќе или помалку одговараат на реалноста. Иако, да бидам искрен, никој не ги знае точните бројки, особено во однос на бројот на мртви руски војници“.
Зелсни процени дека Русија претрпела околу 10 пати повеќе загуби од Украина, додавајќи дека иако не може да даде точни бројки, има „значителна разлика“ меѓу руските и украинските загуби. Тој рече дека Украина не сака да ја користи својата војска како топовско месо, додавајќи дека тоа е уште една причина зошто загубите на Украина не се толку високи како руските.
„Секогаш кога бараме од нашите партнери да ни испратат артилерија или оклопни возила, не се работи само за оружје, туку пред се за заштита на нашиот воен персонал“, рече Зеленски.
Украинскиот лидер вели дека артилеријата испратена во Украина од САД и Европа одиграла значајна улога во поразот на руската воена офанзива.
„Ги запревме и деокупиравме голем дел од нашата територија. Во тоа многу помогна артилерија и новите технологии што ги добивме од сојузниците“, рече Зеленски.