Русија и САД продолжуваат со целните контакти во оние сфери каде тоа е најнеопходно, а Москва останува отворена за заемно корисен дијалог, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
– Ќе го кажам тоа што секогаш сме го зборувале, дека продолжуваме со, да го наречeме, целен контакт со САД за прашања што се појавуваат. Отворени сме за секоја варијанта заемно корисни разговори, посочи Захарова во телевизиската емисија „Соловјов лајв“, пренесе ТАСС.
Таа ги коментираше и контактите меѓу Вашингтон и Москва околу размената на затвореници.
– За жал, со месеци, па дури и со години, а за одреден број руски граѓани и со децении, не видовме никаква желба на САД да се решат конкретните проблеми на ова прашање, додаде Захарова.
Претходно, Волстрит џурнал, повикувајќи се на неименувани американски и западни претставници, објави дека американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, наводно водел низа доверливи разговори со помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков и секретарот на Советот за безбедност, Николај Патрушев, изминатите месеци, за неприфатливоста на употреба на нуклеарно оружје и избегнување понатамошна ескалација на војната во Украина.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан потврди дека каналите за комуникација меѓу Вашингтон и Москва се отворени и покрај војната во Украина. За време на своето обраќање во Њујорк, како што пренесува Би-Би-Си, Саливан рече дека е во интерес на САД да одржуваат контакт со Кремљ, истакнувајќи дека американските власти „се свесни со кого имаат работа“.
Извор: МИА