Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Техеран дека „лаже“ за испраќање ограничен број беспилотни летала во Русија.
Тој додаде дека силите на Украина соборуваат најмалку 10 дронови секој ден.
Во видео-обраќање, Зеленски ги отфрли наводите за ограничена испорака на беспилотни летала од Иран во Русија, посочувајќи дека Украина соборила 11 беспилотни летала само во петокот, објави Ројтерс.
„Ако Иран продолжи да лаже за очигледното, тоа значи дека светот ќе вложи уште повеќе напори да ја истражи терористичката соработка меѓу рускиот и иранскиот режим и како Русија му плаќа на Иран за таквата соработка“, рече тој.
Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан претходно денеска првпат призна дека Иран и испорачувал на Русија беспилотни летала, наведувајќи дека биле испорачани на Москва пред нападот на Украина.
Амирабдолахиан изјави во Техеран дека Иран и доставил на Русија ограничен број беспилотни летала месеци претходно.
Иранскиот министер рече дека Иран не бил свесен за руската употреба на ирански беспилотни летала во нападите врз Украина и го повика Киев да му достави на Техеран докази за тие тврдења.
Ако се докаже дека овие тврдења се вистинити, Иран нема да биде рамнодушен кон ова прашање бидејќи се залага за ставање крај на конфликтот во Украина, рече Амирабдолахиан.
Иранските власти претходно негираа дека Техеран и доставил на Русија беспилотни летала камикази.
Зеленски, кој постојано ги притискаше сојузниците да и обезбедат на Украина повеќе противвоздушна и ракетна одбрана, рече дека очекува добри вести во наредните недели, но не даде детали.
Киев, додаде тој, следната недела ќе започне кампања за собирање средства за купување на поморски беспилотни летала.