Во јапонските покраини Мијаги и Јамагата околу 7:50 часот се огласија сирените за воздушен напад, а редовната ТВ програма беше прекината за да се предупредат луѓето да одат во засолништа, пишува Би-Би-Си.
Јапонската крајбрежна стража предупреди дека проектил лансиран од Северна Кореја лета над Јапонија. Ова не е ништо ново и невообичаено за Јапонците бидејќи слично сценарио се случи минатиот месец. За среќа, проектилот овојпат не ја прелета Јапонија. Јужнокорејски воени извори тврдат дека ракетата паднала во Јапонското Море при лет.
После тоа, Јапонците можеа да се релаксираат и да се вратат на вообичаените утрински рутини. Но, дали е тоа навистина така? Како можете да се опуштите кога соседна земја истрела проектили кон соседите без предупредување или каква било информација за нејзината цел? Ова не е нормално и вообичаено однесување на една држава. Ракетата може да го загрози воздушниот и поморскиот сообраќај, но исто така може да експлодира во секое време и потенцијално да ги загрози животите на многу цивили.
Не утешува ниту фактот дека тоа се случи само еден ден откако Северна Кореја истрела рекорден број проектили во морињата на Јужна Кореја. Прашањето е дали Ким Џонг-ун сака на овој начин да го привлече вниманието на САД и да им ја покаже својата воена моќ. Особено затоа што вчера се одржаа среднорочни избори во САД.
Воените аналитичари веруваат дека ваквото однесување на Северна Кореја е само увертира за нешто посериозно – нуклеарен тест или тест на балистичка ракета со долг дострел на Пацификот, или можеби и двете. Но, овој модел на однесување на Северна Кореја веќе беше виден во 2010 и 2017 година. Нивната цел е веројатно да ги подигнат тензиите и да ги исплашат сите околу нив, а потоа да бараат отстапки од Јужна Кореја, Јапонија и САД.