Девизните резерви растат и се очекува дека нивното ниво ќе биде стабилно и на среден рок. Курсот на денарот исто така е стабилен и е закотвен за еврото. Макрофинансиската стабилност на земјава е задржана, ова се наведува за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, којашто го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+, соопшти Народната банка.
„НБ повторно започна со откуп на девизи на домашниот пазар. Девизните резерви од јули годинава бележат раст, како резултат на помалата побарувачка на девизи од страна на енергетските компании, зголемените дознаки од странство, како и приливите врз основа на владиното финансирање од надвор. Во септември девизните резерви се над нивото на кое беа на крајот на минатата година. Очекувањата на кредитната агенција се дека тие ќе бидат стабилни до крајот на годината, како и на среден рок во 2023 ‒ 2024 година. На располагање останува и репо-линијата од Европската централна банка од 400 милиони евра, а тука е и двегодишната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ од 530 милиони евра, којашто ќе придонесе за помали трошоци за државно финансирање од надвор.
Во извештајот се посочува дека инфлацијата, којашто од почетокот на годинава во просек изнесува 12,4%, се должи на растот на цените на енергијата и на храната, коишто учествуваат со над 50% во потрошувачката кошничка. Очекувањата на Агенцијата се дека со стабилизирањето на цената на енергентите, од следната година инфлацијата ќе започне да се намалува. Ризиците за ова сценарио се нови ценовни шокови, очекувања за подолготрајна инфлација и притисоци преку раст на платите. „Фич“ бележи дека Народната банка од април започна со зголемување на основната каматна стапка, којашто во неколку наврати е покачена за вкупно 2,25 процентни поени и сега изнесува 3,5%. Во отсуство на притисоци врз курсот, монетарната политика е насочена кон справување со инфлациските очекувања.
Банкарскиот сектор е соодветно капитализиран, се наведува во извештајот за кредитен рејтинг. Нефункционалните кредити се на историски најниските нивоа и се намалуваат. Како дополнителна мерка на претпазливост и задржување на стабилноста на финансискиот систем, Народната банка донесе одлука за воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, којшто ќе почне да се применува од август 2023 година“, се наведува во соопштението на НБ.