Русија тврди дека само три отсто од житото кое се извезува согласно договорот постигнат со посредство на ОН за деблокирање на украинските пристаништа, отишло во најсиромашните земји, а половина од пратките отишле во западните земји.
„Се покажа дека географијата на примателите на овие товари е сосема поинаква во однос на првично објавените хуманитарни цели“, се вели во руското соопштение. „Загрозените земји како Сомалија, Етиопија, Јемен, Судан и Авганистан добија само три отсто од храната, најмногу преку Светската програма за храна, додаде Русија.
Откако Русија и Украина ја потпишаа иницијативата за црноморско жито, со посредство на ОН во Турција на 22 јули, неколку милиони тони пченка, пченица, производи од сончоглед, јачмен, канола и соја се извезени од Украина. Рускиот претседател Владимир Путин и руските официјални лица се пожалија дека спроведувањето на договорот наидува на сериозни проблеми, предизвикувајќи стравувања дека Москва би можела да се повлече од него доколку не се исполнат нејзините барања.
Сите испораки на светските пазари од Украина, една од најголемите светски извознички на пченица, ја олеснуваат кризата со храна, изјавија западните претставници запознаени со преговорите за договорот за жито.
Извор: МИА