Фон дер Лајен направила лапсус кога нè нарече Северномакедонци, Османи повика да не создаваме анимозитет

Од:

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, направила лапсус кога нè нарече Северномакедонци на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Димитар Ковачевски, објасни денес министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој повика лапсусот на претседателката да не се користи за создавање анимозитет кон интересот за државата што го покажува Фон дер Лајен.

„Треба да бидеме коректни, во целата нејзина прес-конференција таа беше толку коректна во однос на јазикот и во однос на другите идентитетски атрибути и во еден момент кажа нешто што не е во дефиницијата на тие идентитетски атрибути. Да имате фокус на претседател на Европската комисија, претседател на влада на најголемата економија во светот, да доаѓа  секој месец во една мала држава како што е Република Северна Македонија, нешто што го посакуваат големите држави во Европската Унија, да ја имаат Фон дер Лајен во нивните земји, да има такви прес-конференции по однос на тоа што нам ни е важно, во однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици, дека припаѓаме на Унијата и од  еден лапсус да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, а не знам дали тоа ќе го имаме постојано?! Еве гледајте хронолошки колку пати ни дошол претседател на Европска комисија во државата. Тоа се важни прашања во кои не смееме поради некои наши тука меѓусебни динамики да ги злоупотребиме“, рече министерот Османи одговарајќи на новинарско прашање дали ќе реагира на сè почестата практика да нè нарекуваат Северномакедонци.

Тој посочи дека секое минирање едни со други дома значи дека ја минираме нашата агенда за 2030 година кога очекуваме земјава да стане членка на Европската Унија.

„Тоа треба секој од перспектива на себе, на своите деца, на своите семејства да го пресмета. Дали со тоа што сега ќе добијам некој помал интерес ја загрозувам можноста моето дете во 2030 година да биде граѓанин на Европската Унија. Мислам дека тоа треба да биде лајтмотивот“, вели министерот Османи.

Претседателката Урсула фон дер Лајен вчера нè нарече Северномакедонци зборувајќи за можноста да се изгласаат измените на Уставот.

„Длабоко сум уверена дека Северномакедонците ќе се обединат и ќе обезбедат мнозинство за гласање на измените во Уставот. Вие направивте толку многу, отидовте далеку и длабоко сум уверена дека во Северна Македонија ќе најдете аргументи за конечно да се разбере дека сите сте одговорни за да придонесете земјава да се движи напред“, рече Лајен.

Европската комисија, пак, во јули годинава на „Твитер“ најави дека претседателката ќе се сретне со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски, непосредно пред таа да стигне во Скопје, но половина час подоцна твитот беше повлечен.

Иста грешка направија и уште многу политичари и европратеници, а многумина и јавно се извинија. Меѓу оние кои се извинија за тоа што нè нарекле Северномакедонци е поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, кој во 2019 година, исто така на заедничка прес-конференција со македонски премиер, тогаш Зоран Заев, рече: „Извинете што реков Северномакедонци, вие сте граѓани на Република Северна Македонија. Простете, не сакав тоа да го кажам а беше претставено како да сакам некого да убијам“.

Се извини и војската на САД оти во видео објавено на нивниот профил за заедничка вежба на Криволак во 2018 година погрешно ги претставиле македонските војници како северномакедонски војници.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, се извини за употребата на Северномакедонци во интервју за „Дојче веле“. Истата година  со објави на „Твитер“ извинувања имаше и од тројца европратеници, Германецот Кнут Флекенштајн, Словенката Тања Фајон и Британецот Чарлс Танок, потписници на писмо до претседателот на Европскиот совет во кое бараат интеграција на земјите од Западен Балкан, но Македонците ги нарекуваат Северномакедонци.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада