Одлуката за воена интервенција во Сирија треба да биде донесена во Вашингтон, во Париз и во Лондон оценуваат сите воени експерти и коментатори во француските медиуми.
Откако вчера пред француските амбасадори кои се на годишната конференција во Париз, претседателот Франсоа Оланд изјави дека Франција е подготвена да ги казни оние кои убивале цивили со смртоносен гас во Сирија, додавајќи дека тоа најмногу наликува дека е дело на сирискиот режим.
– Граѓанската војна во Сирија денес е закана за светскиот мир. Има индикации да веруваме дека режимот извршил такви напади, изјави Оланд.
Францускиот претседател посочи дека светот има одговорност да ги заштити цивилите и да реагира.
Оланд за денеска има закажнано средба во Елисејската палата со Одбранбениот совет на Франција. Веднаш потоа претседателот ќе разговара со претседателот на Сирската национална коалиција Ал-Аси Ал-Џарба.
Овие активности според експертите доволно зборуваат дека западот се подготвува да интервенира во Сирија и дека интервенцијата е прашање на часови.