Антикорупциска не гледа основ за утврдување судир на интереси за доделената државна помош на компанијата „Пиксел гроуп“ во која Ковачевски беше косопственик со неговиот кум Горан Паунов, пред да стане заменик-министер за финансии. Она што во моментов е во фокус на ДКСК е дали компанијата имала некаква повластена позиција во добивањето на државните пари.
Во разговор за „А1он“, претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, посочува дека според закон, кумовските релации не спаѓаат во групата на блиски лица и затоа нема основа за постапување за судир на интереси.
„Премиерот пред да ја почне функцијата заменик-министер за финансии се тргнал од фирмата и не е сопственик, ниту управител. Значи, веќе нема допирни точки со таа фирма. Нашиот закон има забрана за доделување државна помош на функционер кој некогаш бил функционер, но во овој случај не станува збор за таква ситуација. Согласно документите со кои располагаме, а тоа се анкетниот лист пополнет од страна на премиерот, но и историјатот на промени од Централниот регистар, гледаме дека тој нема судир на интереси“, вели Ивановска.
Она што се поставува како прашање, вели Ивановска, е дали „Пиксел гроуп“ имал некаква повластена позиција и ги добивал средствата, односно дали постоело трговија со влијание. Институцијата ќе проверува дали компанијата ги исполнила условите за добивање државна помош.
„Ние ќе се насочиме повеќе кон овој дел. Доколку не ги исполнила условите и ги добила парите од државата тогаш можеме да зборуваме за влијание. Ако ги исполнила условите како и секоја друга фирма што може да аплицира, тогаш немаме простор за други коментари. Видете, трговија со влијание е најтешко да се докаже, а најмногу постои во Македонија. Затоа ние се концентрираме на тоа дали предвидените законски одредби и услови се исполнети или пак не. Тука не можеме да правиме ограничување ниту, пак, тоа е предвидено во нашиот закон. Друго е да разговараме од етички аспект, но и од тој аспект, колку што знам, премиерот не е во позиција да одлучува. Значи таму има посебна комисија која одлучува, ние ќе ја провериме целата постапка – и кој бил во комисијата, и како одлучиле, дали се земени предвид сите услови. Ќе ја провериме целата постапка“, тврди Ивановска.
Постапувањето на ДКСК следува неполн месец подоцна откако „А1он“ објави дека „Пиксел гроуп“ низ годините добивала финансиска помош од државата, проекти од Фондот за иновации, но и преку 30 тендери во голем број општини за друга компанија на кумот на премиерот, „ЕОЛ Квазар“. За еден од нив, кој се однесува на улично осветлување во Гази Баба, Финансиската полиција поднесе и кривична пријава, за која веќе постапува скопското обвинителство. Како што објави „А1он“, последна инвестиција во која влезе „Пиксел гроуп“ на Паунов е регистрирањето компанија во ТИР Тетово со фирма на поранешен бугарски заменик-министер за енергетика, зона во која има одредени даночни ослободувања, а притоа, нивната заедничка фирма „АЕ Солар АД Тетово“ може да аплицира и да добие и државна помош.
Повикувајќи се во голема мера на овие, но и дополнителни наоди кои ги обзнанија на серија прес-конференции, партијата ВМРО – ДПМНЕ ја објави аферата „Броило“, обвинувајќи дека Ковачевски и неговиот кум свртеле 26 милиони евра, здружени во, како што го нарекоа, „соларен картел“.