Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска пристигна во ненајавена посета на Киев, јави ДПА.
Штајнмаер, кој утрово пристигна во Киев со воз, треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна во текот на денот.
Ова е прва посета на Штајнмаер откако Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари, но негов трет обид да патува во Киев.
Минатата недела Штајнмаер го одложи планираното патување во Украина на краток рок, поради безбедносни причини.
Германскиот претседател, исто така, планираше да го посети Киев со претседателите на Литванија, Полска, Летонија и Естонија во средината на април, но му беше кажано да не доаѓа.
Одлуката на Киев дојде во време на постојани критики за врските на Штајнмаер со Русија и неговиот неуспех додека беше министер за надворешни работи да ги послуша предупредувањата од источноевропските соседи на Германија за заканата од руска агресија, потсетува ДПА.
Спорот меѓу украинскиот и германскиот претседател беше решен на почетокот на мај.
Извор: МИА