Молкот од МОН и немањето одговорност за залудно потрошените пари го потврдува се она што досега го зборуваме во јавноста. Немањето учебници е неуспех на власта која за да го сокрие плаќа над половина милион евра за привремени скрипти кои немаат никаква употребна вредност. Пет години власт на СДС резултираа со низа различни концепции, само по себе скандалозни и неприменливи во образовниот систем на Македонија, милионски суми пари се потрошија на таканаречената дигитализација која е коренот на проблемот за немањето на учебници за оваа учебна година, изјави денес Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Проектот на Светска банка кој е вреден 21,5 милиони евра потпишан од МОН во 2020 година има сосема различна цел од онаа за која се користи. Односно, фокусот и средствата треба да се применат за долгорочен развој на македонското образование преку подобрување на училишната инфраструктура, развивање на програми и зајакнување на компетенциите на наставниот кадар. МОН поради некадарност и неспособност, овие пари ги пренаменува за печатење на привремени учебници од 100на страни кои ќе им служат на учениците како основно средство за наука.
Овие пак т.н. скрипти се збир од материјали, кои власта успеала да ги сублимирала од минатогодишните учебници и дел од новите. Учебникот од 100на страни има содржина која е збир од веќе постоечките, минатогодишни учебници. Ова се исти материјали за кои веќе еднаш авторите имаат добиено пари, и ова се материјали со кои годинава истите автори конкурирале за избор на учебник и за тоа повторно ќе им биде платено. Една работа, еден труд платен два пати. Чиста заработка од која резултатот е уништено образование.
Имено, од документот од Светска банка може да се види дека се користени и средства за интерактивни табли за основното образование во вредност од 51.683 долари исто така пари дадени на фирмата ТРИМАКС ДОО Скопје во 2021 година. Воедно, од проектот на Светска банка се определени и средства во вредност од 226.919 долари за дизајн и развој на интерактивни дигитални образовни материјали исто така во 2021 година, исто така на фирмата ТРИМАКС ДОО Скопје. Дополнително, од овој проект се определени и средства во вредност од 15.000 долари за консултантски услуги од две лица нешто што не е претставено во јавноста како основа и цел на проектот финансиран од Светска банка.
МОН ги троши средствата од Светска банка за намена која не е неопходна, суштинска, и која нема долгорочна цел. Ова се пари кои можело, требало и морало да бидат наменети за долгорочен, ефикасен и ефективен развој на образованието, а не за заработки на поединци и за покривање на неспособноста на власта. За ова мора да има одговорност – рече Митева.