Арсовска скрати од проектите за реконструкција на улици за плати во ЈСП: Да се прифатеше ребалансот ќе беше поинаку

Од:

Пред да биде изгласана пренамената на 133 милиони денари од Буџетот на Градот за плати во ЈСП, советникот Гордан Шутаров од СДСМ побара објаснување од градоначалничката Данела Арсовска како Градот ќе продолжи да функционира по кратењето на парите предвидени за веќе испланирани проекти.

„Од материјалите кои ги имаме пред нас може да се забележи дека најголемиот дел од овие 133 милиони денари кои ги обезбедуваме како дополнително финансирање на ЈСП за тешкотии во работата, се обезбедуваат од ставките за изградба на улици и патишта и реконструкции на улици и патишта во вкупна вредност од 72.800.000 денари. Затоа ме интересира дали определени проекти кои веќе почнаа со реконструкција ќе бидат запрени или определени најавени проекти кои што беа најавувани воопшто нема да доживеат почеток на реализација во оваа година. Граѓаните, ние и јавноста треба да знаат бидејќи од капиталните проекти се кратат овие средства. Ред е граѓаните да знаат дали определени проекти ќе запрат и дали некои нема ниту да бидат почнати“, праша советникот Шутаров.

Градоначалничката Арсовска објасни дека кратењата се од веќе заштедени делови од проектите или планирани штедења во периодот што следи.

„Да имаше поинаква можност, да се прифатеше ребалансот, опција која вчера не се прифати, ќе имаше поинаков начин, можност овие средства да бидат пресметани и одземени од ставки кај кои што имаме генерирано заштеди. Во овие проекти тука што се ставени или веќе по основ на набавките кои се извршени веќе има заштеда и не е неопходна полната сума или во оние што следат се предвидува дека ќе има заштеда. Ова е единствениот начин, од одредени ставки да се пресметаа намалување на 20 проценти. Тоа е она кое што законот го дозволува во овој случај“, објасни градоначалничката Арсовска.

Таа ги повика Владата и општините да ги платат долговите кон Градот за да не се повтори денешната ситуација.  Ист повик од говорницата до Владата и до сите институции кои му должат на ЈСП испрати и советничката Катерина Јовановска од „Левица“.

Градоначалничката Арсовска неколкупати повтори дека доколку градоначалник од СДСМ или од ВМРО – ДПМНЕ бил на нејзиното место денес, немало да се случи колапс на градот оти плати доцнеле по пет дена и претходно, но немало генерални штрајкови. Овој нејзин став од говорницата го повтори уште двапати советникот Александар Трајановски од ГРОМ, актуелен заменик – градоначалник на Скопје.

И покрај бурната расправа вчера на првата вонредна седница на која се расправаше за помош на ЈСП, денес, на втората вонредна седница, советниците ги усогласија ставовите и изгласаа пренамена на средства од Буџетот на Градот за исплата на плати во ЈСП, а возачите веднаш продолжија со превезување патници.

Би можело да ве интересира

Град Скопје: Срамно е да се злоупотребува најзагрозеното малцинство за политички цели

Нормализиран автобускиот сообраќај во Скопје, нафтата се испорачува сукцесивно

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Град Скопје: Со часови се чека автобус за училиште и работа поради суетата на Мицкоски

Горан Наумовски