Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу соопшти дека во акцијата „Гази Тургут Аслан“, насочена против финансиските структури на терористичката организација ФЕТО, се приведени 543 осомничени, јави агенцијата Анадолија.
Сојлу зборуваше за операцијата во Координативниот центар за безбедност и вонредни состојби на Министерството (ГАМЕР).
Тој истакна дека операцијата е започната како резултат на осуммесечна детална работа и оти е насочена кон сегашните структури на ФЕТО, регрутирање нови членови и откривање извори на финансирање.
Во акцијата се вклучени Екипи за борба против шверц и организиран криминал (КОМ), Тим за борба против тероризам (ТЕМ), Служби за борба против кибер криминал, разузнавачки служби и службата за истрага на финансиски криминал (МАСАК).
Сојлу рече дека станува збор за операција организирана откако дознале дека постојат структури, вклучително и членови на терористичката организација кои избегале во странство, кои продолжуваат со своите активности во земјата и во странство и се занимаваат со одржување на постоењето на терористичката организација и нејзиното финансирање, јави Анадолија.
– Утврдено е дека се вршеле редовни и систематски трансфери на пари на членови на организацијата, кои учествувале во структурирањето на терористичката организација ФЕТО и строго се придржувале до организациските инструкции, изјави Сојлу.
Според него, истражните дејствија што траеле осум месеци покажуваат како се одвивале префрлувањата преку карго и со користење на банкомати.
Турскиот министер изјави дека лидерите во странство редовно им плаќале на членовите меѓу 3.000 лири (околу 164 евра, заб. ав.) и 6.000 лири (околу 328 евра) со цел да ја продолжат финансиската структура во Турција. Тој додаде дека е откриено дека се користени плаќања без картички, товарни пратки и физички состаноци.
– Во рамките на оваа операција е дадена наредба за приведување на 704 лица, а досега се приведени 543, изјави Сојлу.
Тој истакна дека одобренијата ги дале обвинителствата во 81 област во Турција, а приведувањата истовремено се спроведувале во 59 области.
Извор: МИА