Девет лица се повредени во немирите и пожарот што избувна во озлогласениот затвор Евин во Техеран, јави агенцијата ИРНА, пренесе ДПА.
Во затворот вчера избувна голем пожар, во кој, како што истакнуваат медиумите, се чуваат политички затвореници и антивладини активисти.
Според техеранскиот обвинител,Али Салехи, изјави дека во затворот е воспоставен мир и дека ситуацијата е под контрола, дека инцидентот не е поврзан со уличните немири низ земјата, а делот од затворот каде дојде до судирите е одвоен од областа каде што се држат политичките затвореници.
Официјалните информации за настаните во затворот не можеа да добијат независна проверка. ИРНА соопшти дека во едно крило на затворот дошло до тепачка меѓу чуварите и затворениците.
BREAKING: Heavy fire reported at Evin prison in #Iran's capital Tehran which holds political prisoners. Shots and alarms heard. pic.twitter.com/SsGD01i5PF
— Faytuks News Δ (@Faytuks) October 15, 2022
Илјадниците видеа споделени на социјалните мрежи покажуваа хаотични слики околу затворот. Висок безбедносен функционер изјави дека затворениците запалиле магацин полн со затворски униформи, што го предизвикало пожарот во затворот.
Според извештаите на медиумите, многу роднини на приведените од загриженост дотрчале на местото на настанот.
ИРНА објави дека најмалку осум лица се повредени во инцидентот и дека засега нема жртви.
Затворот Евин е познат по тоа што се користи за притворање политички затвореници и интелектуалци. Во него се пријавуваат злоупотреби и тешки услови за престој. Неколку лица со двојно државјанство се приведени во затворот Евин поради наводна шпионажа.
Неодамна во затворот беа однесени и голем број демонстранти поради учество во антивладините демонстрации предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена поради непридржување кон строгиот исламски кодекс на облекување на жените и почина во полициски притвор.
САД изразија загриженост за драматичната ситуација во затворот.
„Будно ги следиме извештаите од затворот Евин. Во контакт сме со Швајцарците како наша заштитничка сила. Иран е целосно одговорен за безбедноста на нашите погрешно притворени граѓани, кои треба веднаш да бидат ослободени“, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс во твит.