По вчерашното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур, кое мнозинството од пратениците го нарекоа шокантно, Претседателството на ПССЕ ја откажа работната вечера со Рама, поради, како што велат оттаму, „дрскоста и навредите кон многумина”, јави дописникот на МИА.
Претседателството на ПССЕ, по обраќањето на Рама, ги известило и шефовите на пратеничките групи дека ја откажуваат вечерата со албанскиот премиер.
Во пораката се наведува дека „по попладневното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама, Претседателството одлучи да ја повлече поканата до премиерот за работна вечера”.
Во Советот на Европа дел од пратениците коментираат дека не се сеќаваат досега да се случило вакво нешто, да биде откажана работна вечера со висок државни од некоја земја.
По неговиот говор, повеќе парламентарци изразија негодување на начинот на кој Рама се обрати пред собранието. Односно, откако Еди Рама ја стави во прашање кредибилноста на асамблејата и на негови членови, парламентарците возвратија дека ваков говор не е запаметен во ПССЕ.
Извор: МИА