Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од германскиот премиер Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон „остро“ да и одговорат на Русија по денешните тешки бомбардирања на украински градови, а додека Европската унија и европските земји ја осудија одмаздничката акција на Русија.
Украинската војска соопшти дека Русија денеска истрелала 75 проектили кон Украина, а Зеленски рече дека главна цел на руските напади била енергетската инфраструктура во земјата, а втората цел биле луѓето, што е очигледна одмазда на рускиот претседател Владимир Путин за експлозијата на мостот кој ги поврзува Крим и Русија која Путин ја прогласи за терористички напад.
– Разговаравме за зајакнување на нашата воздушна одбрана, за потребата од остра европска и меѓународна реакција и за зголемен притисок врз Русија, напиша Зеленски на Твитер по итниот разговор со колегите од Германија и Франција.
Тој, исто така, побара итен состанок на групата Г7 (седумте најмоќни економии во светот) за која се согласи и канцеларот Шолц.
– Се договорив со канцеларот Шолц од Германија, која претседава со Г7, за итен состанок на групата, напиша Зеленски на Твитер. „Планиран е и мој говор во кој ќе зборувам за терористичките напади на Руската Федерација. Ќе разговараме и за посилен притисок врз Русија и помош за повторно функционирање на оштетената инфраструктура, додаде Зеленски.
Лидерите на Г7 утре ќе имаат видео-повик со украинскиот претседател Володимир Зеленски по бранот руски ракетни напади врз украинските градови, соопшти германската Влада.
Портпаролот на германската влада изјави дека Берлин остро ги осудува нападите врз Украина. Канцеларот го увери Зеленски за континуираната поддршка на Берлин, изјави денеска владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи изјави дека во Киев е погодена зградата во која се наоѓа германскиот конзулат.
Макрон во телефонскиот разговор ја потврдил целосната поддршка за Украина и рекол дека Франција е подготвена да помогне, вклучително и со воена опрема, соопшти Елисејската палата.
– Имав итен разговор со Макрон. Разговаравме за зајакнување на противвоздушната одбрана, потребата од силен одговор од Европа и меѓународна реакција, како и за зголемување на притисокот врз Руската Федерација. Франција стои со Украина, напиша Зеленски на Твитер.
Извор: МИА