Излезните анкети по регионалните избори во германската Долна Саксонија покажуваат дека Социјалдемократската партија (СПД) најверојатно ќе освои повеќе гласови.
Повеќе од 6,1 милиони гласачи во северозападна Германија избираат парламент во кој досега доминираа СПД и Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Излезните анкети покажуваат дека СПД, партијата на канцеларот Олаф Шолц, води со 33 отсто од гласовите, додека ЦДУ моментално има 27 отсто.
Ова е помал процент за двете партии во однос на пред пет години.
Проекциите покажуваат дека Зелените имаат околу 14 отсто, а екстремно десничарската Алтернатива за Германија 12 отсто.
Изборите претходно беа оквалификувани како тест за канцеларот Шолц, кој ја предводи Германија погодена од инфлација и енергетска криза. Неговата популарност опадна по неколку неуспеси на СПД на изборите што се одржаа летото во други германски региони.
Извор: МИА