Министерството за надворешни работи на Украина издаде соопштение како одговор на тврдењата дека планираат напад врз Белорусија. Белорускиот лидер Александар Лукашенко изрази поддршка за руската инвазија на Украина во последните месеци. Пред Русија да ја нападне Украина во февруари, таа распореди илјадници војници во Белорусија под изговор за воени вежби, пред да ги испрати преку граница.
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека нивниот амбасадор во белоруската престолнина Минск бил поканет во белоруското Министерство за надворешни работи и му била врачена дипломатска нота.
Во него се наведува дека белоруската страна тврди дека Украина наводно планира напад на територијата на Белорусија. „Оваа информација не соодветствува со реалноста. Категорично отфрламе уште една инсинуација на белорускиот режим. Не исклучуваме дека предавањето на дипломатската нота би можело да биде дел од планот на Руската Федерација да изврши провокација со цел дополнително обвинување Украина“, соопшти Министерството.
Тие го повикуваат белорускиот народ „да не подлегнува на провокации“. „Украина никогаш не посегнала на странски територии. Ние строго се придржуваме до основните норми и принципи на меѓународното право и Повелбата на ОН“, заклучуваат тие.