Претставниците на ЕУ постигнаа нацрт-договор за нови санкции против Русија, вклучително и ограничување на цената на продажбата на руската нафта, изјавија седум европски дипломати за Политико.
Пакетот, кој е осма рунда санкции против Москва, беше предложен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатата недела, откако рускиот претседател се закани со нуклеарно оружје и мобилизираше стотици илјади резервисти. Голем број земји од ЕУ изразија загриженост за новите мерки, особено во однос на ограничувањето на цената на нафтата, а деталите допрва треба да бидат потпишани во писмена форма.
Забраната за најголем дел од увозот на сурова нафта од Русија ќе стапи на сила во декември. Увозот на јаглен веќе е укинат, а испораките на гас од Русија во Европа се строго ограничени – прво поради игрите за моќ на Путин, а потоа и саботажата на двата подморски гасоводи Северен тек.
Нацрт-мерките даваат правна основа за одредување на плафонот на цените, за кој претходно се договорија земјите од Г7. Сè уште нема одлука за реалната цена или опсегот на цените на идното ограничување, иако САД предложија дека тоа ќе биде одлучено во рок од неколку недели.
Малта, Грција и Кипар, чии флоти танкери носат најголем дел од руската нафта, се загрижени за можното влијание на мерката врз нивните поморски индустрии. Тоа доведе до одредени отстапки за тие земји, според нацртот на текстот што го виде Политико.
На пример, нацртот споменува систем за мониторинг од страна на Комисијата, кој ќе ги процени практиките на заобиколување. Доколку Комисијата утврди „значителна загуба на бизнис“ поради овие практики, ќе предложи „мерки за ублажување на влијанието“.
Пакетот исто така има за цел да ја погоди руската челична индустрија и да ја лиши војската на Кремљ од клучните технологии. Тоа вклучува повеќе мерки против поединци кои ги помагаат воените напори на рускиот претседател Владимир Путин. Исто така, им забранува на граѓаните на ЕУ да седат во одборите на руските државни претпријатија.
„Амбасадорите на ЕУ сакаа да постигнат договор за пакетот санкции најдоцна до среда. Тие не сакаа внатрешните дискусии да ги засенат средбите на европските лидери што се одржуваат во Прага во четврток и петок“, пишува Политико.
Да потсетиме, Путин претходно и се закануваше на Европа поради најавата на ЕУ дека може да ги ограничи цените на руските енергетски производи.
„Понатамошната примена на политиката на санкции може, без претерување, да предизвика уште потешки, па дури и катастрофални последици на светскиот енергетски пазар“, рече Путин.
„Санкциите против Русија предизвикуваат многу поголема штета на земјите што ги воведуваат“, рече тој, што досега многупати го повтори, посочувајќи дека цените на енергенсите во западните земји експлодираа. Тој изрази задоволство што другите земји производители на нафта се спротивставуваат на барањата на Западот да го зголемат производството за да ја компензираат бојкотираната руска нафта и да го спречат растот на цените.