(ВИДЕО) Два милиони евра во тендери и државна помош за кумот на премиерот – на повидок и субвенции за новата компанија за панели

Од:

Договори за финансиска поддршка од Владата, проекти добиени преку Фондот за иновации како и новоформирана компанија за производство на соларни панели, која од неодамна е регистрирана во тетовската индустриска зона. Ваков е билансот на успех за период од пет години на бизнисменот Горан Паунов, кум на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, со кого партнерски ја основаа „Пиксел Гроуп“, компанија за производство на фотоволтаични модули, на чие свечено отворање во 2018 година присуствуваше и тогашниот премиер Зоран Заев. Само две години подоцна, откако Ковачевски одлучи да влезе во политиката како заменик-министер за финансии, кон крајот на септември 2020 година ги повлече и вложените пари во компанијата.

Но, и без Ковачевски во сопственичката структура, на „Пиксел Гроуп“ и оди повеќе од одлично. Можеби за компанијата не може да се најдат податоци на Бирото за јавни набавки дека добивала тендери, но, затоа, на алатката „Отворени финансии“ можат да се пронајдат вкупно 12 исплати во период од 2018 до 2021 година, државни пари кои „Пиксел Гроуп“ ги добивала од Владата и од Фондот за иновации.

Исплатите од Владата, најверојатно се однесуваат за доделување на финансиска поддршка за компанијата. На таков заклучок упатува и документот од 159-тата седница на Владата од 2019 година, со која се носи одлука за потпишување на договор за доделување на државна помош на „Пиксел Гроуп“. Исплати кон компанијата се евидентирани осум на број, од 2019 до крајот на 2021 година со вкупна вредност од 27 262 082 или 443.285 евра. Најголемиот износ е исплатен на претпоследниот ден од 2021 година, односно 12 531 359 денари или 203 761 евра.

Четирите исплати од Фондот за иновации датираат од почетокот на септември 2020-та година до јули 2021 година, со вкупна вредност од 4 324 363 денари или 70 314 евра.

Но, најновите информации поврзани со поранешната фирма на Ковачевски, која сега во сопственост на Паунов, е влегувањето во нова инвестиција, во тетовскиот ТИРЗ, преку Акционерското друштво „АЕ Солар АД Тетово“, компанија која ќе производува соларни панели. Своето седиште во индустриската зона го регистрираше на 18 јули годинава.

Според податоците на „Бизнис мрежа“, како сопственици на компанијата „АЕ Солар АД Тетово“ се појавуваат две компании, македонската „Пиксел Гроуп“ претставувана од Горан Паунов и бугарската „АЕ Солар Хоризон АД“ од Илко Георгиев Јоцев.

Според достапните информации на бугарскиот централен регистар, Бугаринот Илко Георгиев Јоцев се појавува како сопственик или управител на повеќе компании, генерално, кои се занимаваат со производство на соларни системи и панели. Меѓу нив е и фирмата „АЕ Солар Хоризон АД“, која е регистрирана на 24 февруари 2022 година во Бугарија. Во обид да дознаеме повеќе детали, бугарски колеги ни посочија дека Јоцев не е непознат во тамошната јавност.

„Јоцев е многу добро познат во јавноста. Но, во последните 10 години неговото име не циркулира многу во медиумите. Компанијата за која прашувате не е позната. Она што можам да го кажам како информација е дека Јоцев беше министер за енергетика во Владата на Саксобурготски во 2002 година“, вели Аспарух Илиев од бугарскиот медиум „Investor.bg“.

Компанијата „АЕ СОЛАР АД Тетово“ со македонско – бугарски удели, како што се најавува, всушност ќе биде инвестиција на германската компанија „АЕ Солар“, која со македонската „Пиксел Гроуп“ ќе градат фабрика за производство на најмодерни фотоволтаични панели за производство на струја.

Најавите за почеток на градбата се посочени за октомври, а производството е планирано да започне во март следната година. „А1он“се обиде да го договори Паунов за видео интервју за повеќе детали за инвестицијата, но и покрај ветувањето, сепак, тоа не се оствари.

Самото регистрирање на компанијата во тетовскиот ТИРЗ, значи дека компанијата во која сопственик е Паунов, ќе има одредени поволности како и другите инвеститори во рамките на зоната, а може да аплицира i да добие и државна помош. Тоа би значело дека Владата на чело со Ковачевски ќе може да додели и државна помош на неговиот кум и поранешен бизнис партнер, Паунов. Иако, најверојатно, се уште е рано за такво нешто.

„До денес компанијата се нема обратено до Дирекцијата ниту со писмо за намери ниту е склучен било каков договор. Сите поволности што ги обезбедува државата во технолошко индустриските развојни зони треба да се регулираат со посебни правни акти, во прв ред договор за државна помош“, ни одговорија од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Меѓутоа, компанијата „Пиксел Гроуп“ и „АЕ СОЛАР АД Тетово“ не се единствените во кои како сопственик се јавува Горан Паунов. Тој е сопственик и на „КМГ ЕОЛ Квазар“, компанија основана во далечната 2007 година, која не е многу позната во јавноста.

Во периодот од 2018 до 2022 година, „А1он“ успеа да пронајде 38 тендери на кои „ЕОЛ Квазар“ бил ангажиран како најповолен понудувач во неколку општини, меѓу кои Куманово, Берово, Чаир, Ѓорче Петров, Зрновци, како и јавни претпријатија и училишта. Договорите се однесуваат за изградба на фотонапонски централи, промена на улично осветлување, соларни комплети за производство на струја, паметни клупи кои се напојуваат со сончева енергија, проекти за фотоволтаици и физибилити студии. Вкупната вредност на договорите за изминатите пет години изнесува 90 059 598 денари или 1 464 383 евра.

Приказната продолжува.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Антикорупциска ќе ја истражува можната трговија со влијание со државната помош за кумот на Ковачевски

Петар Клинчарски

(ВИДЕО) Ако не му се извинат, Ковачевски смета дека ВМРО – ДПМНЕ треба да добие тужба оти две недели го напаѓаат со најдолни лаги

Маја Илиевска-Пачемска