Северна Кореја соопшти дека никогаш не ѝ дала на Русија оружје и муниција и дека не планира да го стори тоа, предупредувајќи ги САД да „молчат“ и да престанат да шират гласини кои имаат за цел „да го нарушат имиџот“ на земјата.
– Неодамна, САД и другите непријателски земји зборуваа за кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и ширеа гласини за договори за оружје меѓу Демократска Народна Република Кореја и Русија. Никогаш не сме извезувале оружје и муниција во Русија и не планираме да извезуваме, рече неименуван функционер од Министерството за одбрана во соопштение што го пренесе државната агенција КЦНА.
Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател претходно месецов изјави дека Русија „е во процес на набавка на милиони ракети и артилериски гранати од Северна Кореја за употреба во Украина“.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби подоцна објасни дека станува збор за „потенцијално купување“ и оти „нема индикации дека купувањето е завршено“.
Извор: МИА