Создадовме постојан механизам за враќање на вишокот приходи на компаниите за производство на електрична енергија и за само два и пол месеци донесе над две милијарди евра, рече министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас, кој соопшти нови мерки во висина од 1,1 милијарда евра за поддршка на сметките за струја за октомври, јави дописничката на МИА од Атина.
Скрекас истакна дека за справување со енергетската криза во следниот период, Владата има поставено три цели: продолжување со поддршката на граѓаните, искористување на сите можности за енергетска доволност во текот на зимата и зајакнување на напорите за заштеда на енергија.
Соопшти дека од 1 октомври воведуваат нов модел на три нивоа за субвенционирање на сметките за електрична енергија на домаќинствата.
Поконкретно, за месечна потрошувачка до 500 киловат часови, ќе се покрива 90 отсто од зголемувањето на цената, субвенција што ќе достигне до 436 евра за мегават час и се однесува на 90 отсто од домаќинствата во земјата.
За потрошувачка од 501 до 1.000 киловат часови, Владата ќе покрие 80 отсто од зголемувањето на цената, а за потрошувачка над 1.000 киловат часови, субвенцијата е 70 отсто.
Ако едно домаќинство со потрошувачка од над 501 киловат часови месечно, просечната дневна потршувачка ја намали за 15 отсто споредбено со истиот период лани, тогаш субвенцијата, според Скрекас, се зголемува за 50 евра за мегават часови.
Објасни дека вкупниот износ за субвенциите за електричната енергија за октомври е 1,1 милијарда евра од кои една милјарда е од воведениот механизам за враќање на вишокот приходи на компаниите за производство на електрична енергија, а останатите 100 милиони од државниот буџет.
За природниот гас, надлежниот министер соопшти субвенција од 90 евра по термички мегават час за сите домаќинства.
Извор: МИА