Состојбата на фронтот со руските сили јасно покажува дека иницијативата е на страната на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето објавено рано утринава.
„Позицијата на Украина не е променета поради „некоја врева“ од Русија“, рече Зеленски, очигледно мислејќи на најавените референдуми за припојување на окупираните делови на Украина кон Русија.
Во очигледно координиран потег, проруските власти најавија референдуми за присоединување кон Русија од 23 до 27 септември во регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, кои сочинуваат околу 15 отсто од територијата на Украина.
Слични пораки испрати и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. „Русите можат да прават што сакаат. Тоа нема да промени ништо“, изјави Кулеба за новинарите во Њујорк, каде што се одржува годишната седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
Најавените референдуми ги осудија и многу западни претставници, меѓу другите претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Алијансата Јенс Столтенберг, канадскиот премиер Џастин Трудо, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, како и Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден.
Дополнително, висок функционер на американскиот Стејт департмент за Ројтерс во вторникот изјави дека „последиците ќе бидат поголеми“ ако Русија анексира делови од Украина.