Успешно започна реализација на нашиот проект за бесплатно пливање на првачињата и лицата со попреченост. За правилен и подобар психо-физички развој на најмладите Општина Аеродром го спроведе најновиот проект „Учиме да пливаме”, истакнуваат од оваа општина.
Како што појаснуваат, „Учиме да пливаме” е проект кој предвидува олеснување на семејниот буџет на секое семејство на територија на Општина Аеродром кои имаат дете во прво одделение или дете со попреченост.
Со субвенционирањето, сите опфатени ученици добиваат: часови пливање, опрема за пливање (капа, наочари), пешкир, сертифициран спортски едукатор како и превоз на учениците од училиште до базенот и назад.
Проектот е изработен во соработка со Сојузот за училишен спорт на Општина Аеродром и во реализација на „Скај велнес“. Навистина е големо задоволството кога децата се среќни, а овој проект го покажа токму тоа, велат од Општина Аеродром.
Приоритет на општината, како што додаваат, се најмладите.
„Со ова, го реализиравме и нашето предизборно ветување за бесплатно пливање. Единствено низ сериозни инвестиции, чекори и иницијативи за подобрување на образовниот процес, како и вложување во спортската инфраструктура, можеме да создадеме здрава и едуцирана средина! „Наш Аеродром. Промените се случуваат“, се потенцира во соопштението.