Три поплавени соби во кои биле сместени и пациенти, имало во болницата „8 септември“ на интензивниот Оддел за неврологија, посочува докторот Петар Атанасовски. Сѐ се случило кога прснала водоводна цевка, потврдуваат и од болницата за „А1он“. Во моментот кога се случил дефектот, кој сега е саниран, дежурниот невролог со сестрите и другиот персонал, веднаш реагирале и извлекувале пациенти.
„Персоналот, кој заборави на ризикот по сопствениот живот како можност oд струен удар,повреда од паѓање на плафонот, па сите пациенти беа извлечени и преместени на сигурно без да им се загрози нивното здравје и живот“, сведочи Атанасовски кој бара да се затвори и реновира целиот оддел, па додава „на одделот врие од интрахоспитални инфекции“.
Тој во детали раскажа за тоа од која во која соба се префрлани пациентите при поплавата.
„Од таванскиот дел течело вода во трите од четирите соби на интензивниот дел на одделот за неврологија и паѓале делови од плафонот. Пациентите од трите поплавени соби префрлени во соба 807 која не била зафатена. За мал дефект го сметам дефектот што се случи пред 20-тина дена на мое дежурство кога пукна вентил во тоалетот на соба 806 од општиот дел во слично времее и со промена на вентилот и собирање на водата се среди состојбата ама водата беше на подот а не паѓаше од плафон“, додава докторот, според кого, ова не е прва поплава.
„А1он“ се обрати до болницата „8 септември“. Тие не одговорија на прашањата дали сите пациенти биле навремено извлечени од поплавените соби, каде биле преместени.
„Се работи за прсната водоводна цевка која е веднаш санирана. Сите пациенти се наоѓаат на Одделот за неврологија и се соодветно згрижени“, велат од болницата.
И покрај обраќањето до Министерството за здравство, по обвинувањето дека на Одделот за неврологија врие од интерхоспитални инфекции, за тоа дали ќе побараат да се испита од ДСЗИ, на прашањето одговори болницата.
„Согласно законската процедура, ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ и Комисијата за интрахоспитални инфекции редовно, по претходно направениот план, и вонредно, кога има потреба, земаат потребни анализи и по добиени резултати ги известуваат надлежните институции“, додаваат од „8 септември“.