Двесте и третиот ден од војната во Украина. Од Киев тврдат дека во контраофанзива украинската армија повторно зазела шест илјади квадратни километри на истокот и југот од земјата и дека целта и е ослободување на регионот Харков.
Руското Министерство за одбрана соопштува дека извршиле масовни напади на сите линии на фронтот во Украина. Обновено е комплетното резервно напојување на нуклеарната централа Запорожје.
Украинскиот гувернер на Луганск, Серхи Хајдај изјави дека руските сили се вратиле во Кремина.
„Ги симнаа украинските знамиња“, пишува Хајдај.
Тој, исто така, вели дека го исклучиле интернетот за жителите да не можат да испраќаат информации до украинската страна.
Украинските војници во текот на денешниот ден истрелале повеќе од 160 гранати во областите на 12 населени места на ДНР, соопшти народната милиција на републиката.
„Во текот на денешниот ден, според информациите од претставништвото на СЦКК во ДНР, непријателот истрелал повеќе од 160 гранати од тенкови, артилериски пушки од калибар 155, 152 и 122 мм, како и минофрлачи од 120 мм. Отворен е оган на окрузите од 12 населени места во Републиката“, се наведува во пораката на одделението на каналот Телеграм.
Експлозии има и во Запорожје, Криви Рих и регионот Одеса. Според прелиминарните информации термоцентралата Кривји Рих би можела да стане цел на ракетен напад. Таа е трета по големина термоелектрана во Украина.
Руската армија денеска соопшти дека ги победила украинските сили во зоните на регионот Харков, кои Русите ги напуштиле пред брзата украинска контраофанзива.
„Извршени се големи напади во регионите Двортична, Балаклија и Купјанска врз персоналот и опремата на 14-та и 93-та моторизирана бригада на украинските воени сили“, соопшти руското Министерство, а пренесува агенцијата АФП.