Американската Национална агенција за безбедност (НСА) призна дека некои од нејзините аналитичари повремено во изминатите десет години свесно и намерно ги пречекорувале своите овластувања за надзор, нагласувајќи дека сепак тие лица се казнети.
Во соопштението на НСА се наведува дека „се откриени мошне ретки примери на намерно пречекорување на овластувањата на Агенцијата“ и се додава дека не се работи за кршење на Законот за надзор на странски разузнавачки служби, ниту на антитерористичкиот Патриотски закон.
Според тврдењата од тајните документи, кои ги објави пребегнатиот поранешен соработник на ЦИА и НСА, Едвард Сноуден, Агенцијата ги прекршила токму тие два закони.
Двајца американски претставници, кои сакале анонимност, бидејќи не се овластени за јавни изјави, откриле дека еден аналитичар претходно бил казнет, бидејќи ги користел ресурсите на НСА за следење на поранешната сопруга.