Утре, четврток, 15 септември, во 19 часот во Спомен-собата на Миладиновци, ќе биде промовиран романот „Водена приказна“ од Александар Кукулев.
„Водена приказна” е современа приказна за последиците од Граѓанската војна во Грција. Граѓанската војна е одамна завршена. Горчливиот вкус на поразот и тажниот спомен за илјадниците раселени остануваат, оттргнати од заборавот токму во оваа книга.
Писателот многу пластично, низ историски легенди како пример, ја отсликува вековната борба на Македонецот за создавање на своја сопствена држава, користејќи ги како урнек болните страдања и поедини лични македонски судбини, но и современото живеење на Македонецот во Грција.
– Овој текст многу ќе придонесе за јавноста да се запознае со приликите, историјата и вистината за македонскиот народ. Само со објавување на вакви текстови пошироката меѓународна јавност ќе може да се запознае со вистината и да помогне да се сменат работите во насока на признавање и почитување на Човековите права – ќе запише еден од промоторите, проф. д-р Алексадар Даштевски.
Освен Даштевски, за „Водена приказна“ ќе зборуваат и Јана Илиева и Софија Граматова Ристовска. На промоцијата, извадоци од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Александар Сашко Кукулев е новинар, публицист, прозаист, сценарист. Пишува поезија, проза и работи на филмски сценарија. Автор е на поемата „Jazz“, а “Водена приказна” е негов трет роман.
Добитник е на бројни награди и признанија од областа на публицистиката и литературата.