Папата Франциск денеска ќе допатува во тридневна посета на Казахстан, каде ќе учествува на меѓународната верска средба, но нема да се сретне со рускиот православен патријарх Кирил, кој нема да присуствува на средбата.
Предвидено е папата Франциск во главниот град на Казахстан, Нур-Султан да се сретне со претседателот Касим-Џомарт Токајев и со дипломатите.
Во Нур-Султан, што до 2019 година се викаше Астана, ќе се одржи Седмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционални религии.
Првпат папа учествува на собир организиран од казахстанската Влада.
На првиот ден од Конгресот, утре папата ќе има заедничка молитва и билатерални средби.
Средбата со рускиот православен патријарх Кирил, на која се надеваше Ватикан, нема да се одржи бидејќи рускиот верски лидер, кој жестоко ја брани руската агресија против Украина, нема да патува во Нур-Султан.
Извор: МИА