Откако не успеаја да го „примораат“ на трансфер во текот на летото, Барселона во јануари повторно ќе се обиде да го продаде Френки де Јонг, тврди каталонскиот весник „Спорт“.
Холанѓанецот во текот на целиот летен преоден рок беше дел од шпекулациите за заминување од Каталонија, откако во јули, Барселона се договори со Манчестер јунајтед за договор вреден 85 милиони евра за 25-годишниот фудблер од средниот ред, но тој одби да разговара за трансфер. По ова, беа заинтересирани и во Челси, а Барселона преку медиумите јавно му порача дека неговиот договор е „нелегален“, барајќи тој да ја намали својата плата.
За претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, повторно најголем проблем е високата плата на Холанѓанецот, откако Де Јонг ќе заработи 18 милиони евра оваа сезона и неверојатни 88.58 милиони евра во последните четири години од неговиот договор, кој завршува во 2026 година. Де Јонг се договори за ваков план на исплата со поранешниот претседател на клубот, Жозеп Марија Бартомеу за време на пандемијата на КОВИД-19. Лапорта претходно потврди дека има политика ниту еден нивни фудбалер да не заработува повеќе од 10 милиони евра по сезона, вклучувајќи го и новото засилување, Роберт Левановски.
Извор: Топспорт