Илјадници луѓе се евакуирани во Јужна Кореја поради тајфунот Хинамнор, јавуваат локалните медиуми.
Околу 3.500 луѓе се преместени на безбедно, а властите упатија апел до уште околу 15 илајди лица да ги напуштат своите домови во областите загрозени од лизгање на земјиштето и поплави.
Тропскиот циклон стигна до јужниот брег на Јужна Кореја рано наутро, за да се движи во насока североисток, соопшти метеоролошката служба. Поплавени се бројни патишта, а оштетени се и неколку згради и друга инфраструктура на јужниот остров Џеџу.
Корејскиот полуостров го зафаќаат бројни циклони во периодот на летото и во рана есен. Хинамнор е единаесеттиот циклон што сезонава го зафати регионот.
Предупредување за тајфун е издадено и во Северна Кореја. Севернокорејските државни медиуми објавија дека лидерот Ким Јонг-ун претседавал со состаноците одржани во неделата и во текот на вчерашниот ден со официјални лица на кои било разговарано за мерките за заштита од невремето.
Извор: МИА