Над 50 лица загинаа во новите поплави што го зафатија јужниот дел на Пакистан, со што бројот на жртвите од последните поплави во земјата сега се зголеми на 1.265, соопштија денеска локалните власти, пренесе ДПА.
Десетици лица загинаа во провинцијата Синд, на југот на земјата, по поплавите што ја погодија областа поради обилните дождови, соопшти вчера Националната агенција за катастрофи.
Регионот Синд е најтешко погоден од поплавите што од средината на јуни беа предизвикани од обилните монсунски дождови. Неколку градови во покраината сега се соочуваат со нови опасности поради поплавите кои повторно ги загрозуваат бреговите на реката Инд.
Инд е најдолгата река во Пакистан, која тече од Хималаите до Арапското Море, на југ. Таа веќе се излеа оваа сезона, по обилните врнежи од дожд кои минатата недела ги зафатија планинските предели.
Локалните спасувачки служби наведоа дека меѓу загинатите во последната поплава има најмалку 15 деца, а дека досега во сезонава на поплави вкупно загина 441 дете.
Армијата, спасувачките тимови и волонтерите сè уште ги евакуираат луѓето од оддалечените села кои беа отсечени по покачувањето на нивото на водата, изјави портпаролот на провинциската влада Муртаза Вахаб, пренесе ДПА.
Неколку земји, глобални компании и добротворни организации ветија дека ќе донираат милиони долари помош за да му помогнат на Пакистан да ја надмине оваа природна катастрофа, што е една од најголемите што ја погодиле земјата.
Извор: МИА