Преку воздушниот коридор во Пакистан пристигнуваат бројни авиони кои носат хуманитарна помош за таа земја погодена од катастрофалните поплави, изјавија официјални лица за АП, наведувајќи дека бројот на жртвите во поплавите надмина 1.200 луѓе.
Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека помошта, пренесена со хеликоптер, се состои од храна, лекови и шатори. Пакистан доби помош од Кина, Саудиска Арабија, Катар, Турција, Узбекистан и ОАЕ, меѓу другите земји.
Соединетите Држави најавија дека оваа недела ќе достават помош во Пакистан во вредност од 30 милиони долари. Во Исламабад денеска треба да пристигнат уште два авиони со хуманитарна помош од ОАЕ и Катар, како и воз од Турција кој исто така ќе достави помош.
Турската делегација предводена од министерот за надворешни работи Сулејман Соилу се сретна со пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф и по тој повод турската делегација изрази сочувство за настраданите во поплавите во Пакистан и најави помош.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш истакна дека катастрофалните поплави во Пакистан се резултат на климатските промени и повика на итно решение на проблемот. Како што е најавено, Гутереш ќе го посети Пакистан на 9 септември.
Според првите проценки, штетите од поплавите во Пакистан изнесуваат 10 милијарди долари.
Обединетите нации оваа недела апелираа за итна помош од 160 милиони долари за Пакистан за повеќе од три милиони луѓе погодени од поплавите кои уништија повеќе од еден милион домови. Официјалните лица денеска ги предупредија луѓето во областа Даду во јужната провинција Синд да се преселат на побезбедни места бидејќи реката Инд се очекува да го поплави регионот оваа недела.