Артикл 19: Загрижени сме за слободата на изразување во Македонија

Од:

Меѓународната организација за заштита на слободата на изразување „Артикл 19“ (ARTICLE 19) од Лондон, со писмо до министерот Иво Ивановски, до ОБСЕ, Собранието, делегацијатана ЕУ реагира за првичните предлог законот за медиуми и предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Многу критики и за гриженост за предлог законите за кои се посочува дека не ја гарантираат слободата на медиумите, дека не се гарантира независноста на Агенцијата за медиуми, а посебно не се гарантира дека членовите нема да бидат избрани под политичкото влијание.

Сите овие критики се уште пред владата да си поднесе амандманите со кои уште посуштински се менуваат делови од контраверзниот закон, како повторното вметнување на печатените и интернет медиуми под контрола на Агенцијата, одбивањето составот на Агенцијата да се избира со двотретинско мнозинство, субвенционирањето на националните ТВ со 50 проценти од буџетските пари.

Во продолжение следува интегралниот текст од писмото, првенствено испратено до министерот Ивановски.

Почитуван министер Ивановски,

Ви пишувам во името на ARTICLE 19, меѓународна организација за слобода на изразувањето, за да ја изразам нашата загриженост околу Предлог-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Предлог-закон во натамошниот текст) и да побарам од Вас да го усогласите законот со меѓународните стандарди за слободата на изразувањето.

ARTICLE 19 е особено загрижена за следните одредби од Предлог-законот:

• Целите на Предлог-законот: Загрижени сме поради фактот дека промоцијата на правото на слобода на изразувањето не е наведена во целите на Предлог-законот (Член 2). Тоа е сериозен недостиг, затоа што и толкувањето и примената на какво било медиумско законодавство би требало да ги потврдат почитувањето и заштитата на правото на слобода на изразување.

• Независност на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (се однесува и на Советот и на Агенцијата): Сериозно сме загрижени поради фактот дека Предлог-законот не обезбедува инструменти за заштита на независноста на Советот на Агенцијата. Фактот што одлуките на собраниската Комисија за избори и именувања и на Собранието ќе се носат со обично мнозинство, Предлог-законот дозволува партијата што е на власт да има политичко влијание врз именувањето на членовите на Советот. Понатаму, и членови на политички партии можат да станат членови на Советот. Предлог-законот исто така не забранува членовите на Советот да добиваат упатства и инструкции од други лица.

• Процедурата за номинирање на членови на Советот: Загрижени сме поради недостигот на транспарентнос на процесот на номинирање на членовите на Советот (Член 14), од тој процес се исклучени организациите на граѓанското општество. Предлог-законот вели дека номинациите можат да ги прават само одредени тела. Исто така, нема гаранции дека седниците на телата што можат да дадат номинации и на собраниската Комисија за избори и именувања ќе бидат отворени за јавноста.

• Одговорноста на Агенцијата: Според Член 6 од Предлог-законот, повеќето одговорности на Агенцијата се насочени кон осигурување на одговорноста на медиумите. Со жалење забележуваме дека Агенцијата нема одговорност да го штити правото на слобода на изразувањето. Дополнително, скептични сме дека Агенцијата, со совет составен од седум членови, ќе може да се справи со толку многу различни прашања, како што се утврдувањето на постоење незаконска медиумска концентрација, плурализмот, заштитата на малолетните лица и лиценцирањето, и други прашања.

• Финансирање на Агенцијата: Предлог-законот не нуди гаранции дека Агенцијата ќе има на располагање доволно соодветни ресурси и не пропишува начин за утврдување на нејзиниот буџет. Во одсуство на јасни одредби за утврдување на буџетот, Агенцијата нема да има финансиска и оперативна независност како што бараат меѓународните стандарди.

• Независност на директорот на Агенцијата: Сметаме дека Предлог-законот не нуди инструменти за заштита на независноста на директорот на Агенцијата, а особено:
o Нема забрана за судирот на интереси ниту правила за неспоивост за да се обезбеди дека директорот нема да потпадне под влијание на политичките моќници или на економските интереси;
o Директорот лесно може да биде разрешен „за каква било повреда на законот утврдена од годишниот извештај“ (според Член 21, став 1 е))
o На директорот не му е обезбедено изрично право на жалба против одлуката за негово разрешување.

• Нејасни надлежности на директорот: Некои од надлежностите на директорот и на Совето на Агенцијата се идентични. На пример, во Член 20 (2) се пропишува дека директорот може да издава решенија за прашања што се во надлежност на Советот. Нераздвојувањето на надлежностите ќе има негативно влијание врз ефективноста и независноста на Агенцијата.

• Забрани што се однесуваат на содржината: Забележуваме дека Член 48 од Предлог-законот пропишува широко поставени забрани за програмите што, меѓу другото, „се закана за националната безбедност“, „повикуваат на насилно рушење на уставниот поредок“, или „повикуват на воена агресија или воен судир“.Потсетуваме дека сите ограничувања на слободата на изразувањето, вклучувајќи ги и забраните што се однесуваат на содржината, мораат да бидат пропишани со закон, да имаат законита цел и да се нужни и пропорционални, во согласност со Член 10, став 2 од Европската конвенција за човекови права. Членот 38 од Предлог-законот не пропишува дека програмите чии содржини се забрануваат мора да го поминат тестот на нужност и пропорционалност. Премногу широките забрани од Член 48 ќе имаат ефект на замолчување и ладење на медиумите и можат да доведат до арбитрарни ограничувања на легитимното изразување.

• Не е предвидено јавноста да биде консултирана во подготовката на плановите за користење на фреквенциите: Загрижени сме поради фактот што Членот 69 од Предлог-законот не предвидува одржување на консултации со јавноста во усвојувањето на плановите за користење на фреквенциите и не содржи јасни и објективни критериуми за носење на таквите планови.

• Процедурата за лиценцирање што е пропишана во Предлог-законот ги крши меѓународните и регионалните стандарди за слободата на изразувањето, поради следните причини:
o Не се поставени цели што Агенцијата треба да ги постигне при доделувањето на лиценците, како што е максимизирање на оппштиот јавен интерес, или различноста на мислењата.
o Процедурата за лиценцирање не гарантира одржување на отворени распити што би им овозможиле на кандидатите да ги претстават своите пријави.
o Предлог-законот (Член 82) не предвидува никаква форма на распит во случаите кога Агенцијата покренува процедура за одземање на лиценците со што не дава гаранции за законска постапка во процесот на одлучување за одземање на лиценца.

• Финансирањето на јавниот радиодифузен сервис (МРТ) и неговата независност: Предлог-законот не нуди гаранции дека МРТ ќе има на располагање соодветни ресурси за постигнување на нејзината мисија и за правење долгорочни планови. Понатаму, МРТ не е консултирана во определувањето на надоместокот за лиценците. Процесот на претквалификации и именување на кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ се врши со обично мнозинство во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и во Собранието. Тоа и овозможува на партијата што доминира во комисијата и во Собранието да го избере посакуваниот кандидат. Понатаму, Предлог-Законот не им забранува на вработените во МРТ да добиваат упатства и инструкции од надворешни лица или тела и не забранува априори контрола врз програмите на МРТ. Конечно, не се дефинирани критериумите за именување и разрешување на директорот на МРТ.

• Санкции: Предлог-законот не обезбедува пропорционалност на санкциите.

За отстранување на наведените недостатоци, ARTICLE 19 Ве повикува да го ревидирате Предлог-законот, а особено следните забелешки:
• Промоцијата на правото на слобода на изразувањето мора да биде наведена во целите на Предлог-законот (Член 2).
• Собраниската Комисија за избори и именувања и на Собранието треба да одлучуваат за именувањето на номинираните кандидати за членови на Советот на Агенцијата со квалификувано мнозинство;
• На членовите на Советот мора да им се забрани да добиваат овластувања или упатства од кое било лице или тело, како и да даваат изјави или да превземаат какви било дејства што би можеле да ја доведат во прашање независноста на нивната функција;
• На медиумските организации и на граѓанското општество би требало да им се овозможи да номинираат кандидати за членови на Советот;
• Интервјуата со кандидатите за членство во Агенцијата треба да бидат отворени за јавноста;
• Агенцијата би требало да биде одговорна за обезбедувањето на заштитата на слободата на медиумите и слободата на изразувањето како дел од нејзините функции;
• Предлог-законот треба да обезбеди механизам за определување на трошоците на активностите на Агенцијата и да обезбеди дека таа ќе има буџет што ќе биде доволен за да обезбеди нејзино целосно и независно функционирање;
• Потребни се гаранции за независноста на директорот на Агенцијата. Особено, Предлог-законот би требало да содржи одредби што го забрануваат судирот на интереси, да пропише правила за неспоивост на функциите и да воведе барање интервјуата со кандидатите за позицијата директор да бидат отворени за јавноста. Разрешувањето на директорот треба да биде можно само во сериозни случаи. Директорот би требало да има можност да ја обжали одлуката за негово разрешување на суд;
• Предлог-законот треба да направи јасна разлика помеѓу надлежностите на директорот и Советот. Директорот треба да биде надлежен само за дневното управување на Агенцијата;
• Членост 48 од Предлог-законот треба да пропише дека сите ограничувања на содржините се нужни и пропорционални на посакуваната цел, а со оглед на околностите на дадениот случај.
• Предлог-законот треба да пропише критериуми за доделување на лиценците и да гарантира дека разгледувањето на апликациите ќе биде отворено, со учество на кандидатите за добивање лиценци. Лиценците треба да можат да се одземаат само по одржан распит со учество на радиодифузерот чија лиценца може да биде одземена.
• Предлог-законот треба да гарантира дека МРТ ќе добие доволно соодветни финансиски средства што ќе овозможат исполнување на нејзината мисија и ќе дозволи носење на долгорочни планови. Треба да се обезбеди дека МРТ нема да биде консултирана во процесот на определување на висината на надоместокот за лиценцата, и дека за потесната листа на кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТ и нивното именување собраниската Комисија за избори и именувања и Собранието ќе одлучуваат со квалификувано мнозинство. Понатаму, Предлог-законот треба да им забрани на вработените во МРТ да добиваат какви било упатства и инструкции од лица и тела надвор од организацијата и да забрани априори контрола над програмите на МРТ. Исто така, потребно е јасно дефинирање на критериумите за именување и разрешување на директорот на МРТ.
• Агенцијата би требало да биде во можност да го определува видот и големината на санкциите со оглед на специфичните околности во дадениот случај. Предлог-законот мора да пропише дека санкциите мора да бидат пропорционални.

Се надеваме дека ќе бидете во можност да ги разгледате горенаведените прашања. ARTICLE 19 е подготвен да Ви обезбеди, на Вас и на другите заинтересирани страни во Македонија натамошна поддршка во процесот на усогласување на Предлог-законот со меѓународните стандарди за слободата на изразувањето.

Ви благодарам за Вашето внимание за ова итно прашање.

Др. Агнес Каламар
Извршен Директор
ARTICLE 19

Доставено до:
Собранието на Македонија
Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија,
Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија
Делегацијата на Европската унија во Скопје,
Мисијата на ОБСЕ во Скопје,
Здружение на новинарите на Македонија,
Центар за развој на медиумите
Македонски Институт за Медиуми

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on