Јапонија ќе развие крстосувачка ракета и балистичка ракета со голема брзина кои планира да ги стави во масовно производство.
Според светските агенции, земјата се обидува да ја зголеми својата воена моќ, вклучително и нејзиниот капацитет да напаѓа подалечни цели, за да може да одговори на заканите од Кина и Русија.
Планот за ракетите е вклучен во барањето за зголемување на годишниот буџет на Министерството за одбрана и е јасно отстапување од децениските уставни ограничувања за дострелот на оружјето на Силите за самоодбрана. Сега им е дозволено да користат само ракети со дострел од неколку стотици километри.
– Кина продолжува со заканите дека ќе употреби сила за еднострано да го промени статус квото и го продлабочува сојузот со Русија, тврди јапонското Министерство за одбрана во образложението за барањето.
Во документот се наведува и дека Пекинг врши притисок врз Тајван со одржување воени вежби и оти не се откажал од употребата на сила за воспоставување контрола над островот.
Извор: МИА