Најмалку 15 лица се убиени додека продолжи судирот меѓу безбедносните сили на Ирак и поддржувачи на моќниот шиитски свештеник Моктада ал-Садр, синоќа во Багдад, јави Би-би-си.
Официјали лица информираа за десетици повредени, откако демонстранти, лојални на ал-Садр, упаднаа во претседателската палата.
Насилството беше поттикнато откако Ал- Садр вчера соопшти дека се повлекува од политиката.
Преодниот премиер повика на мир, а војската прогласи полициски час низ целата земја, откако имаше немири и во некои други градови.
Уличните пресметки станаа посериозни во текот на ноќта, а Би-би-си ги опиша како најлошите во ирачкиот главен град изминативе години.
Голем дел од пресметките беа околу Зелената зона на градот, област каде се сместени владини згради и странски амбасади.
На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како поединци користат и ракетни гранати.
Поради целата ситуација, Иран ги затвори своите граници со Ирак, а Кувајт ги повика своите граѓани веднаш да ја напуштат земјата.
Портпарол на генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изјави дека тој е загрижен од настаните и повика на „итни чекори за деескалација на состојбата“.
Четириесет и осумгодишниот ал-Садр е доминантна личност во ирачкиот јавен и политички живот изминатите две децении. Неговата армија Мехди се истакна како една од најмоќните милиции што се бореле против американските и сојузничките ирачки владини сили, по инвазијата што го собори поранешниот владетел Садам Хусеин.
Извор: МИА