Влијателниот ирачки шиитски свештеник Моктада ал-Садр денеска соопшти дека се повлекува од политиката и ги затвора своите институции како одговор на нерешливиот политички ќор-сокак.
„Го објавувам моето конечно повлекување“, објави ал-Садр на Твитер.
Тој ги критикуваше шиитските политички лидери што не ги послушаа неговите повици за реформи и не даде повеќе детали за најавата за затворање на неговите канцеларии, но рече дека дел од неговите културни и верски институции ќе останат отворени.
Ал- Садр во јуни ги повлече своите претставници од парламентот откако не успеа да формира влада по свој избор. Политичкиот ќорсокак меѓу него и шиитските ривали блиски до Иран доведе до најдолгиот период на Ирак без влада.
Поддржувачите на ал-Садр од крајот на јули го окупираа парламентот и протестираа во близина на владините згради, со што го стопираа процесот на избор на нов претседател и премиер.
Се стравува дека најавата на ал-Садр ќе ги охрабри неговите поддржувачи на ескалација на протестите, што би можело да започне нова фаза на нестабилност во Ирак.
Извор: МИА