Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска одржа говор во Карловиот универзитет во Прага, при што се осврна на предизвиците со кои се соочува Европа во контекст на војната во Украина.
– Во моментов, уште еднаш се прашуваме каде ќе се протега линијата на поделба меѓу оваа слободна Европа и нео-империјалистичката автократија во иднина, рече тој, пренесува ДПА.
– Оваа обединета Европа се роди како мировен проект во Европа… Денес, од нас зависи да продолжиме да го развиваме ова ветување за мир – овозможувајќи ѝ на Европската Унија да ја заштити својата безбедност, својата независност и својата стабилност, исто така во контекст на предизвиците кои доаѓаа однадвор, потенцира Шолц.
Тој, исто така, ги најави плановите за донаторска конференција и друга помош за да помогне во обновата на Украина во екот на војната со Русија која започна во февруари.
Опишувајќи го како „масовен потфат за кој ќе бидат потребни генерации за да се постигне“, тој рече дека за тоа ќе биде потребна „меѓународна координација и интелигентна, доверлива стратегија“.
– Ова ќе биде фокусот на експертската конференција на која претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и јас ги поканивме Украина и нејзините партнери од целиот свет да присуствуваат во Берлин на 25 октомври, рече тој.
Кога станува збор за изградбата на украинската војска, тој рече дека целта е „модерни украински вооружени сили кои се способни да ја бранат својата земја на трајна основа“.
– Можам, на пример, да замислам дека Германија ќе преземе посебна одговорност во однос на градењето на артилериските и воздушните одбранбени капацитети на Украина, додаде тој.
Извор: МИА